home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Мимикрија

Зар има трагедија која не се случила дома?
Вон семејството?
Надвор?
        Се шегувате?

Тука е битието, тука дво-смислата
тука, она кое е попатно за другите
станува клучно за нас
ни ги отвора очите одвнатре
гледа со нас, харизматично
со мимики општиме
и гестови

секој изречен збор
причина за нелагодност
недоразбирања

татко ми никогаш не го изговори
Нејзиното име
Таа и онака ќе дојде ненадејно
гротескно
ќе ги испреврти сите вредности

потем долго ќе се преправаме
        - не сме виделе ништо
        мистериозно
божем не ни' се чита
по интонацијата
по отсутноста
по расеаноста!

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.