home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Страв и восхит

Претпоставка:

Македонскиот крал
премногу го сакал светот
и премногу можел
и премногу претчувствувал
немал време, хронично немал
но сепак доволно
за да ги поремети
дозите предвидени за рамнотежа
на Просторот, и самиот
без смисла за умереност
- хармонијата е нешто друго, сосема -
само предозирана волја, отровен концентрат
само неповторлив порив, рев по далечното
туѓината како вечно искушение!
само силна страст по странствување
per se, дури и во јазикот

вродена дарба
да и’ се тутне на смртта
грациозно, пагански
под здолништето
додека Оваа си игра
божем случајно
криенка-миженка
митска мижитатара

само сензибилитет за походи
општа хиперсензибилност
- просто да се спростре
  врз далечниот Исток
  ко полна месечина на полноќ

- просто да го освои светот
  како туѓа жена
  со чувство на нелагодност
  а забраната стимулира

срна истрчува на пусија
во заседа, балканско дувло
империјална глутница
избришани, заташкани траги
имагинарно писмо

толку голема моќ
што се втиснала во потсвеста
за век-и-веков
жиг на восхит и страв
од повторување

од повторување
на судбината...

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.