home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


N.B. : анархија, волја за моќ

Ако се оддалечиш
ако паднеш во занес по исконот
бездната (каков предмет на восхит!)
можеби принцип надеж
или очај што ќе го прифатиш неволно
небаре е естетска конвенција
(турско кафе, грчко кафе,
о не, merci, никако не шербет!)

ја одбиваш коцката шеќер
(добиваш нагон за повраќање
за авангардизам, излез од анонимноста
желба да се биде „некој и нешто“
инфантилна заблуда дека сè почнува од тебе!)
take it easy, baby
не вјасај, сети се:
имаш минато - верига од избрзани буни
и векот трпение
било каде, само надвор од овој свет
"hors de ce monde"
(нова декаденција, балкански Spleen!)
инстинктот те опоменува
- насладувај се дискретно
од дистанца!

Од што има премногу неред
посакуваш фин усет за мерка
класичен урнек

но, насладата е непредвидлива
прагот на ситоста не знаеш да го обележиш
да го рецнеш, да го штиклираш
превентивно

свеста се возбудува пред безмерјето
пред Апсолутот, Господе Боже
гори пред привидот, иверица, сува деланка
притаена подолу, повнатре, поназад
во историјата
(ново читање, стара приказна).

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.