home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Мелодрама

Не, доволни се двајца
нема место за повеќе
и кога би можеле да го измениме
и кога праведно би го поделиле
Имотов, секому
на три, на два, на еден
не би било исто
ни делот, ни целоста
ја имаме
сите
со празни раце

ништо немаме
штом пасијата стане посесија
геометриска прогресија
- хаос.

Некој е вишок
тензијата е последица од премногу сакање
ниски страсти, совпаѓања
а предметот на желбата еден и неделлив

мистичниот копнеж по неделливоста
нè поврзува да учествуваме во с-подвижната драма
на свеста (coitus interruptus)
во одложувањето на кулминацијата
секој од нас цел го сака
цела ја сака

колку повеќе ја одлагаме драмата
толку повеќе е тука
приклештена габаритно
еуфорично распиштолена
по меките, лимфни, срамни и фражилни
пасажи на твојата, мојата или неговата
психа, навидум силна налик на лунатик

хистеричен
порив да се биде роден
да се осети на свој грб
животот
сè недостатен, сè пожелуван
сè отповеќе, сè отпосле
сè притеснет
испустен или пренаселен
сè загрозен, заплашен, изнемоштен
од перипетии, пресврти и стресови
од иселеништва, делби и егзили
сè лишен од разврски

создава лажна, мелодраматична слика
- нема друг и никој не е сам -
- целоста е устрем
обичен, врховен!

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.