home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Акварел

Земаш вода, боја, четка
ризик, многу ризик
плус страст, вишок страст
отаде доброто и злото
еден нескротлив гест
и
зафаќаш со еден потег
цел несогледлив амбис
окно под свеста, под себеси
го повлекуваш пругоре вовреното црево
го вадиш од дното на сликата
без право на дополнителен влог
без шанса за поправен испит
или прошка
и
го овоплотуваш змејот
прекрасното чудовиште
заумната фигура!

На другите им препушташ
да ги постават рамките:
тебе ти е добро и без нив!

Не можеш да се помириш со идејата
дека треба да се разубави
она кое без престан ги поместува стандардите
на убавото:
        таму некаде ја бараш смислата на
        уметноста.

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.