home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Помрачување на Сонцето

„Ми застануваш на патот
љубоморна отсекогаш
што не те греам само тебе
ненаситна, во осветољубив гнев
кружиш околу Земјата
за да останеш во моја близина
да ме замениш на едната
кога јас сум на другата
страна, ноќе

се проектираш во мене
заситена и фрустрирана
од постојано полнење и празнење
од непогрешливиот ритам
на светата свадба
сè до целосно исчезнување
Погибел, Изед

оти кај тебе сè е привремено
а јас стојам во центарот, за век-и-веков
жариште кое не се поместува и не згаснува
облевам сè наоколу и озрачувам
со својата царска грива
лавовско срце
- харемот е мој
и системот е мој!

Кога ти успева да се испречиш
меѓу мене и неа
(не можејќи ни без мене, ни без неа!)
Неа ја засенуваш - сив сур самрак среде бел ден
Мене ме помрачуваш - тотална еклипса!

Не ме предизвикувај премногу, Луно
зашто долго трае
твојата лукава ентропична игра:
можам да станам сосема рамнодушен
без презир, исконска стихија

и тогаш што ќе ти направам
тебе, нејзе
па дури и себеси
кој може да предвиди?

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.