Кротење на лавот
"Јудо, лаве мој мал. Од грабеж се издигаш,
сине мој",
Египетски плач, Abel Misraim, 64.
Како да сум била свесна дека сè е сон и
дека ќе мине ужасот, за миг сум запрела.
Небаре нема недоумица. И сите прашања кои
претходно имале смисла, сега станале
излишни.
Како кога ќе се најдеш сам под Сводот во
некоја бистра мугра, па можеш да го гледаш
истовремено - од исток изгревот на Сонцето,
од запад заодот на Месечината, и
забележуваш: Месечината е посјајна од
Сонцето, полна, имагинарна, небаре
халуцинантна визија, а Сонцето се подава
на хоризонтот, солипсистично, тука, а
сеуште не сосема, и не му е до разговор.
Ни тебе. Сака да ги избегне туѓите погледи
и да излезе само.
Како да си непланиран и опасен сведок на
древниот обред. Треба да ја заборавиш
тајната, злосторот, но ти помниш наспроти
својата желба и стануваш заложник на
вселената…
Не дека ги знаеш одговорите, туку си ги
искусила парадоксите, како во интимна
средба кога фрлаш сè од себе и даваш сè
од себе, и му ја вадиш душата на другиот, и
кошулката како од змија му ја слекуваш со
зазор да не ја расцепиш, како да си ги
насетила чудата па враќање нема и си
онемела во вртлогот и си го овластила него
да зборува наместо тебе, а тој само се врти
безумно, сè до следното подавање на
главата надвор и подалеку, до кајшто нема
дофат.
Точка која се врти пребрзо за да се помести
и да се измени.
Тогаш почнуваш да уживаш во помислата дека
си нескротлива и те обзема тага дека нема
суштество кое да може да те припитоми.
Освен можеби оној чиешто име не го знаеш, а
го препознаваш кога ќе се загледаш
внимателно во понорните вишини…

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.
|
 |