Јагули: вечно враќање
Немате време за одлагање.
Само што ќе го наслушнете
внатрешниот Глас
алхемијата на домот
веднаш тргнувате
ни риби, ни змии
на далечен пат, само вам знајниот
Млечен пат од слатки и солени води
на деноноќни бесони патешествија
во кои го составувате
едниот крај на светот со другиот
па повеќе не е јасно дали егзилот е траума
или радост на преселбите
да се биде
и таму, и ваму
од светот да се направи меѓусвет
секогаш да недостасува нешто суштествено
од едно и едно да се направат три
носталгијата да биде дискретна смисла
на опстанокот
која ревидира сè и повторно ги дефинира
и селидбите, и враќањата
и татковината, и туѓината!
Имате маестрална меморија на потеклото
(и шизмата ви е промислена!)
инстинктивна, интуитивна, прецизна
недвосмислено втисната во гените
мрестењето е обред на жигосување
стариот се вбризгува во новиот свет
на седумстотини метри
под морската површина, јасно е
- езерото не ви е доволно длабоко
ни за да се оплодите, ни за да умрете!
Во него живеете додека живеете
потем воскреснувате:
сите мориња се ваши
ваше е бегството, очајната надеж
дека секогаш има поубав свет
оној што го немате, изгубениот
и времето дури е ваше
кругот е перфидно совршен
освен ако не се најде човек
да ви направи
ѕверска
спрепка!
