home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Црн лебед

„Признајте:
имате чувство на нелагодност
кога ќе ме здогледате
не-обичен, што од убост, што од суета
од таа метафизика на спиралата
нотниот клуч, змијата
мене, бесрамно бел
порив кон сакралното
неутешна жед за созерцание - езеро
милиони години сè тука, сè внатре
во времето, неизглаголена глоса
искубан крик!

И покрај сета бесмртност
трошка леб молам
('Лебот се гледа со очи!')
еден добар, една добра, едно добро
за душа
на оној кој ја презира златната средина
оној кој се чувствува удобно
во сопствената природа
и лебди леко, глатко глето
клепка врз клепка - лебедова свила
по рабовите на смртното
случајно жив
фанатично осамен

благодарение на предрасудите за природното
и вештата заблуда
дека живее во заедница
а не сам, самотен!“

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.