home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Прав и пепел

Признание:

„Прав и пепел
тоа е она кое останува на крајот
она кое било искон
тело, збор, жена, хаос
и кое не ни бега, тоа е
        сè освен зборот!

Помнењето е хазард
коцкање во кеш, сè или ништо
артикулација на митскиот образ
трема пред совршената форма
на праобразот, затоа запомнатото мами
колку и заборавеното!

Но јас и сега прашувам:
од каде, по сè, тој агон да се бара
секогаш правиот збор
од каде тоа тесно грло
тој застој во којшто ферментира
минатото, заедно со детството и младоста
и она кое следи потоа
сето фрагментарно, немонтирано
искуство наречено живот?

Од каде тоа латентна заблуда
тревожното претчувство дека сум
само ехо (е-х-о)

додека окото ослепува гледајќи
во замисленото сонце
да речам ли еретички - слободата
        оти само таа може да те гледа
        без да трепне
        право в очи
        и да те изгори
        додека ти не сеќаваш
        ништо друго
        освен восхит!“

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.