Ни вистинит, ни лажен
Не те слуша повеќе телото.
Разбуди се, му велиш, не се буди
заспиј, му велиш, не заспива
полубудно, полуживо
- распнато по краците
на логичките схеми на контрастите
зависно од глаголот
ти треба начин, временска димензија
просто да знаеш дали си и каде си!
Или се обраќаш на погрешна адреса!
Сеќаваш, нешто интензивно се одигрува
некаде ни таму-ни ваму, сепак
нема два оддвоени живота, туку едно
вудвоено јаве
а
преминот е топол, ама молчелив
(не вика - еве ме!
не плаче, туку безгласно лииипа!):
секој има сопствен граничен премин
секој сам си го бара
и го преминува
или само го наѕира оддалеку
а не признава!
Навика да се биде во полумрак!
Дволичност - малограѓанска мера за
видливост!
Во прашање ли е аголот на толкувањето?
Или можеби непредвидена
грешка на возвишеното
со која се разбива монотониот ôд
на цивилизацијата
назадечкум!
Те оправдувам, дури и да заговараш
во последен момент
малку дивина, неосквернето својство на
природата
(кајшто човечка нога не стапнала!)
малку самољубие, „соба за себе“
морски залив
колку да не заминеш од овој свет
пренесена жедна преку вода
- ааах, Доме мој сладок!
