home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Два рода
(воспитување, учење на јазикот)

"Машко и женско сотвори
и ги нарече човек", Постанок, 5, 2

Зар тебе не те збунува
неопределеноста на родот
во македонскиот јазик
„или-или“ станува „и тоа-и тоа“
воздржан глас
дволичје?

Од каде доаѓа, што кажува
дволичноста на родот:
    солот/солта
    жалот/жалта
    жарот/жарта
    правот/правта
    песокот/песокта
    денот/дента
    една реч, еден реч
    дете машко, дете женско

каква привлечност поседува
шарм на хаос
архетипски коитус
- едно во друго, а никогаш заедно

предизвик на слободата да се бира
по лично наоѓање
според созвучјето
и по цена да се каже лага
оти вистината - на кој род му припаѓа?
И што е вистина, по ѓаволите?

Рамнодушно климање со главата
да, не, не, да, да не
од недоразбирање и препознавање
до отепувачка (тоа се вика
водење на душата од незнаење
кон знаење!)

а јазикот има свое алиби
top secret, и мора ли да се
исповеда?

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.