Тихост
Ти која исчезнуваш, а тука си севезден
Ти која сјаеш само кога си Дома
во твојата матка родилка
Ти која во туѓина бледнееш од сушица
како каменчиња кои на суво
пеплосуваат, се кршат желно
сиреч очи на умирање
но, ако им се донесе морето
ако се прелијат - ќе се реставрираат
ќе воскреснат и повторно ќе се читаат
кружно, од сите страни, како палиндроми
кажи, каков премаз од стварноста бараш
кој збор ти недостасува
каква песна сакаш да чуеш
за да се огласиш тивко
исполнета
и речита
не празна?
