Езеро : слика на син ми
Зошто понекогаш езерото се проѕева ширум
божем е бел тигар, бела мечка
се надига како квасец подготвен
за најголемиот леб на светот
(ти викаш светот не е само она кое се
гледа
од оваа страна на видиковата линија
и сè повеќе ти верувам!)?
Зошто брановите праснуваат бесно
ама со кеиф, и го подриваат брегот
и бришат сè наоколу
небаре сè сами запишале?
Зошто езерото зјапа во сопственото дно
и се запенува како расен коњ во галоп?
Зошто надоаѓа како да доаѓа од бестрага
од кајшто заоѓа сонцето
кајшто земјата и небото исчезнуваат
како играчка зафрлена во потонот на баба?
И зошто одненадеж, паф,
се измазнува ко песја муцка
ко опашката на Макс мачорот, душичка
(врати ми го, те молам!);
„Простете, не беше намерно“, вели
езерото
ми ги краде зборовите
небаре расипало скапоцен предмет
а јас, како ништо да не било
скокам во него
пливам, и нуркам, и го гушкам
и повторно го сакам, свежо
(макар што јас не знам
што всушност значи да сакаш)!
