home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Обична молитва

„Доблест, Божице
за оние кои живеат
а не умеат
за оние кои чекорат
а не пречекоруваат
за оние кои до безумие страдаат
во кобни заплети
без крај!

Милост, за оние кои едвај се разликуваат
меѓусебно, но се разликуваат
едните маргинални
другите заткулисни
хипохондрични и малерозни
себични и непожелни
здодевни и зловолни
марионети, блефери
аутсајдери и ситни пакосници
или, прости, Пресвета
- извор на ежедневно
ситно но константно
зло!

За благите, слобода
- врвна а опасна и перверзна моќ
да се изумат границите
на човечното, а сепак да остане
трага од нив, анамнеза!

За Другите шарм, Ѕвезда
дарба за игра, за крик, за реч
усет за допир
- а допирот е двајца -
устрем за човек
- а човекот е неизвесна единица

варира по род и по број
од јазик
до јазик!“

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.