home contact developed by bles¤k.web.design
poetry


Монашки нишан

        Сведоштвото на Лука Блажениот1

„Има нишани што ги следиш
од рано детство
без да знаеш зошто:

се будиш предзори
додека сосема не се повлекла
глувата сенка на ноќта
кога сè е разбиено на безброј дробни честички
сетен ситнеж кој подоцна ќе се склопи
во запрепастувачки складен
и топол мозаик, во фрески
по ѕидовите, по подот, на сводот
и сеќаваш
кревкото, кршливото
порозното, обезличеното
се преобразува во својата виша смисла
и ти се обзнанува:
       ни еден слом не е алогичен!;

тукушто си пркнал
уште дете, стануваш аскет
и заминуваш незнајно каде
само (посакуваш!) да биде тивко, молебно
створено и од природата, и од човека
за деноноќно бдение
за созерцание, вертикално понирање
на веда - од небеса до подземи
       за живеење со жиг и жедба на монах
       ни горе-ни долу
       повеќе таму, одошто овде
(напати ти се привидуваат
пештерните манастири околу
Белото, лихт луминозно езеро
- она понасевер од Делфи
и од Костур -
светилиште само по себе
облиено со внатрешен сјај
од белки на монахинка
среде коишто, во драматичен контраст
се вовира зеницата, духовниот рез);


многу мислиш, а малку искажуваш
јазикот за тебе поскоро е молвење
од разговор, сè е ВНАТРЕ
и ти, и Тој, и исказанието
и дослухот меѓу вас
и предметот дури се вовлекува
во тој, невидлив за другите, Круг;

и повеќе не правиш разлика
меѓу искреноста и вистината
со денови се повлекуваш во себе
секнуваш, понираш, остинуваш
стаписан, онемен, оти си согледал:
       не е лесно да се биде искрен!;

и повеќе не е битно дали нешто
те повикува без престан
да му припаднеш, сестро Варваро
или просто посакуваш
од дното на душата
од нејзината небесна бездна
да постоиш блажено
во согласје со себеси

и навистина повеќе ништо
друго не е суштествено
освен:
       да ја бараш сопствената сенка
       сè додека не си соѕидаш самица
       а во неа си - Лице без сенка:
       м-о-н-а-х!
       
Не си сам кога си сам.
       Сам си кога не си
       во конакот,
       оти во меѓувреме
       келиите се изѕидале ко сотки
       една до друга;

многу нешта ти се растајнуваат
од што душата ти е чиста,
од што толкуваш со вера
и љубиш со вера…
……………………………….
И што сетне?
Ни сам не си свесен
за сопствените дарби
а всушност, глас се разнел насекаде
- низ Фокида, Беотија, Тесалија, Македонија -
дека си видовит и допирот дека ти е лечебен
а речта - провидение!
………………………….

Од ден на ден се разлевав
како црно вино
врз бесквасен леб
од мене уште тогаш
преостана повеќе боја, и мирис, и слика
одошто плот!

Ништо ново, Сестро!
Приказнава е стара.
Сè видов однапред
оти сè еднаш веќе било.“


1 Хосиос Лука или Блажениот Лука е роден 896, умира 953 година, како светец. Манастирот што тој го подигнал претставувал средиште на духовноста во византискиот и поствизантискиот период. Поседува фасцинантни мозаици и фрескопис и се наоѓа во близина на Делфи.

... назад ... назад кон содржината на „Меѓусвет“ ... понатаму ...

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.