Просветлување
Пред иконата Старозаветна
Троица
на Андреј Рубљов, сликана
1410-1420
Приказната
на иконописецот
Мојата приказна
Приказната
на иконописецот
„Тркнав до Бизант, царство на залез
а позлатено од живопис, од убав поубав
па откако се вратив, дали изменет
или себепронајден, како што обично бива
по далечни патувања и провиденија,
решив:
ќе ги осветлам тоновите на моите икони!
Да бидам искрен, го насетив парадоксот
и добив желба да направам
- и јас, недостоен раб Божји -
свиден и битен пресврт
што сликарски, што духовен!
Влегов во играта и враќање назад нема!
Зарем богохулно е што се покорив на
совршенството?
Зарем тоа не е најинтимен допир со
Севишниот?
А видов со свои очи, на лице место
- иконописите се темни
таму кајшто денот е светол и долг
таму кајшто изгревот е ран и болскотен
токму како оној над Босфор!
Ако контрастот е логичен, си реков
тогаш ќе направам писанието мое
да биде посветло
зашто се збива на север
таму кајшто изгревот доцни
а пак заодот поранува,
таму кајшто сè е помазано со благ како
шира
леплив и збувнат
налик на долго воздржувана сперма
самрак.
Така создадов необична
и невообичаена сопоставеност од
портокалова, тиркизна, скерлетно пламена
и златно ореолска боја
и ги насликав женствено оние чија аура е
видима
трите ангелски лица
трите посланика на искушението
и гласот дури го насликав:
'Не кревај рака врз чедото свое!'
Така сите бои со сите облици
во вид на жиг на Светиот Дух
(ни мој, ни не-мој)
ги втиснав на дрвена плоча,
пресувана стрпливо и грамотно
небаре испосник
за да опстане со силата на пречистата
мисла, оти и мислата е светлост,
и топлина, и магнетизам,
енергија - сè на сè!
и заедно, во возвишен,
а за Окото дофатлив облик,
ги склопив!“

Мојата приказна
„Стасав во последен миг, но сепак
го преминав прагот на авлијата 1
и премрев, мислам, одеднаш:
самрачна светлост, неспокоен сјај
и јарка нестивната страст
која се одразува врз сè и во сè
и сè превреднува, како премрежје
сетне, интензивен спој вибрации
збрани на едно место
налик на грст значења вкрстени
во еден единствен збор
(о, парадоксално блаженство
на хомонимијата -
си реков и почувствував
дека допираат до тебе
моите помисли, надтежнати од профаност
занесени по светост
изострени од долгото 'рвење
меѓу принудата и поривот
меѓу надворешното и внатрешното!)
Клукаа клунови, клепаа камбани
манастирските двери двор вардеа
круг вртеа, вретено на вртот
дискретно се исцртуваше деветката
999999999999999999999999999999
број кој не смее да се открие
пресек на знајни и незнајни сили
мистерија која стаписува:
јас стојам, а некој друг се движи наоколу
за да ја вкуси сакралната тишина
да ги помириса боите кои го заведуваат
времето
и тогаш како и сега фасцинантно
клукаат клунови, клепаат камбани
клепа, клеп, клепа-клеп, клепа-клеп
звукот се лепи за окото, за умот
или она кое останало достапно до него
клепа и одѕвонува со задршка
до не-знам-кога и не-знам-каде!
Тебе не можам да ти се обратам
во некое туѓо или фиктивно лице.
Ова мора да биде разговор
меѓу мене и тебе, затоа
рас-кажувам и понатаму
во прво лице еднина
("Јас" си Ти, и јас!):
најдена среде ѕидините на манастирскиот
двор
излегов од себе, негде вон, неволно
и брзо-брзо се прибрав
како зрна жито расфрлени за колвање
збирај-збирај, не се дособира!
Посакав да се соземам
и сеуште посакувам
и сеуште страхувам од мигот кога станав
свидетел
и повеќе од тоа, кога низ мене се прекрши
склопот на тројството, простата пирамида
: не, не е случајно,
ни недејствено
ништо кое е
совршено!“
1 Станува збор за манастирскиот комплекс на
музејот „Андреј Рубљов“ во Москва

