СВЕТОВИ, ЛИЧНИ
Плочите на Гарванската црква
Долниот свет
Горниот свет
Меѓусвет: габи
Плочите на Гарванската
црква1
Не се изумуваат.
Сурово природни
затекнати во немајкаде
онемени, од вџашеност побелени
можеби од премногу
живот и дарба
можеби од премногу набожност, паганска
или премногу смрт, нагла, неправедна
само се наѕираат - маргина до маргина
диск до диск за вчитување на изгубеното
аз, буки, веди, глаголи, добро ест живете...
алфа, бета, гама, делта...
алеф, бет, гимал, далет...
сличности на претек
претци
а, наоколу
по којзнае кој пат преродена
исчезнатата флора
риган, рик, реа
ни смртта не е вечна,
ни смртта!
1
Месност кај село Папрадиште, велешко, од
кајшто потекнува мојот татко Васил
Ќулавков.

Долниот свет
Не оти сме слепци
туку од што сме се одвикнале
да гледаме блиску пред себе
невешто се движиме
со стап вперен напред и
пипкаме:
да не би да наидеме на змија, мудро немушта
да не би да најдеме габа, солза радосница
оти со години гледајќи далеку
ни' отапеа сетилата
за светот тукашен
па само некоја разорена
и во мислите насетена
ко привидение, стварност
се тетерави без престан
и бдее
од страв да не исчезне
ако се успие!

Горниот свет
Неартикулирана камена композиција
втисната на Гарван, черна древна птица
затскриена зад брезите, дабојте, черешните
меѓу трепетливиот и див отсјај на небото
двосмислена како поетски знак
и живописна
а ние -
недораснати да ги разбереме
мегалитските, сакрално елементарни
глетани семи на минатото
само ги посакуваме, и -
приседнуваме на Плочите
небаре во неправедно студениот
скут на Господ
кратко, многу пократко од О-н-ние онаму
долу
во подземјето полно мицелиум
и ехо, ехо од Ум!
А горе, горе сè порив до порив
да се бара, да се бере, да се бира
да се стигне негде, макар без цел
а горе, горе самородна арома со горчлива
слуз
заситувачки и насладувачки марципан
бадемов прав и крем
служен во мали дози, налик на отров
а горе - друг свет, поинаков, питомо див
понекогаш видлив, понекогаш не!

Меѓусвет: габи
Нивните форми ни’ сраснуваат за погледот
и се огледуваат, привидни призраци, во
воздухот:
чадорчиња затворени со сласна слузокожа
во бела мека лека обвивка
памучни жизнерадосни белутраци
млечни фереџиња
повлечени, со тек на време
како лажни ветувања
демодирани манири
на постоење;
дволики појави, многуглави ламји
- сенките предвреме да се насетуваат
со флуид на влекачи и глодари
за да биде кошмарна прошетката
да има наезда на невестулки
да има сè на претек:
царски ѓубрарки, сончарки
или „кукмарки“ (име за сè!)
галапки, пупавки, млечки, рујни рујници
јајчарки со боја на манго
на папаја, јапонско лале или јаболко
летни вргањи распукани како петици
како суводолица
збувнати небаре херпес по грозница.
Земјата блада
песот нејзин плиска пена
леплива и бледа ко долго помнење
меѓу студеното камено писмо
на вечните куќи
и нашата разбудена сладостраст
додека се губиме во шумата
обострано!

