СВЕТО СЕМЕЈСТВО
Визија: уметност
Илузија:
стварност
Преобразба:
„Тука живеел Кафка“
Визија: уметност
На почетокот - сад полн сотки
медена, млечна ужина.
Врчва полна вода, жива вода
чинија со жито, никулци
кавијар и јајца на змија.
Прсната водолија.
Првин раѓање, потем творење свет.
Сончев распоред на нештата:
соларник. Песочен часовник
претурање на суштината
на ситно, на дробно, горе-доле,
доле-горе.
Нечујна модификација на мртвата природа
со пејсажи врамени во бесконечноста.
На преден план - декоративен и симболичен
череп
до него сушени риби, ракови и книги
со позлатени букви на кориците:
Vita Nuova, Comedia Divina
визии од платната на талијанските
мајстори
од XVII-от век.

Илузија:
стварност
Подоцна, поради прекумерното џвакање мед
- восочни камчиња во устата,
нагон за давење и плукање.
Обострано и онострано
чувство на загрозеност.
Настапува состојба на испразнетост:
душата е некаде другаде.
На туѓо, забрането, недостапно место.
Со каква љубов ќе се нурнеме во светот
знае ли некој, а сè е можно,
Сè Е, Ana, soror?
Конверзија на "предметите наречени
желба".
И двоглед, и двосмисленост
и постојана потреба за
суредување, за дотерување
на фокусот, за вртење на леќата
на времето.
Насекаде само минато!
Табу до табу.
Но описот продолжува.
Полноќ е, никоја доба
сал еден лилјак, слепо пиле наслепо
слетува во спалната
и буди страв, страшен, страотен...
Од каде тој Прст вперен угоре
кон соблазнително белото,
блазирано, непроѕирно
небо, фрлено во вселената
небаре пелена?
Ете и трага, едвај забележлива,
од ореол. Од занес.
Пра-пој. Spiritus Sanctus.
Ете ја триаглестата Троица.
Тројната генеза. Завртката?
Вие би рекле:
алегорија на заборавот и сакралноста.
А јас, врз основа на личното искуство
- граматика на разобличувањето
сунѓер со којшто секој си ја впива
сопствената крв
и ја плакне во Ништо:
меморирана мора.

Преобразба:
„Тука живеел Кафка“
И тоа е натприродно.
Таа просторна минијатура
макета на маката
зародиш на замок
селестијален параграф!
Просторот пости
голем Велигденски Пост
или Воскресение: враќање
меѓу мртвите
- метаморфоза.
Прозорецот е - за да не се излегува
од дома, да се гледа и глèда - надвор,
а таму, веранда и бездна
голи разгалени стебла
есенска гримиорна
светлина во одблесок и процес
секогаш бледа налик на покојник
и лизгава како ползавец
и скотна како бубачка,
па лазе, подлазува
лази буба, лазибуба, апи апи аап...
Артикулиран страв ли е тоа
под нискиот трем
зад Прашкиот праг?
При секој залез - излез од стварноста
заоѓање зад хоризонтот
во безмерната зона од слова
задум и ум-ооо-творби
по жестокото удирање на главата
од сводот, од ѕидот
од туѓиот свет.
Тука се спушта пердето
реската разлика
која ги двои луѓето
и од нив прави
некој друг
секогаш друг
мизансцен!
