Роење пчела
Мат, мат, Маат! Там, там, там! Атман!
Еве ти матице матерка, мирис
на Хипнос во кошарето, пчелинок растриен
и во цвет. Сè е создадено за тебе, пчело
и небето, и куќиштето
подзинати како гладни усти
конус на копнежот - дом...
Врти се роју умен, вртлогу
ти кој си на небо, биди на земја
вртилишта, улишта, восочни легла
рам-меморија на приземје и кат давам
за твојот „латински џагор“1
за твојот бесценет секрет
меден збор, афродизијак
и медовината капната од небо ти ја давам
на серафим налик и на мираз
од нечија блага душа
и изблик на вечноста ти нудам
„гола како кокошкин врат“
за да се собереш, сакана
да дојдеш на врв врба
во моето гнездо озарено со етер
со екстракт од масло
со медоносно билје
ти нудам енигматични игри
крстословки, ребуси
пополнување на празнините и сотките
осмислување на келиите -
безбројните восочни клетки
ко минијатурни смрчки
Сè -
за малку млеч и полен
за прополис и густо проѕирен
леплив и лизгав јантар
амброзија и жолт јаспис
за твојот балсам на бесмртноста
за твојот сладок прелив на младоста
за драмата на творењето
за смолата на детството - разлеаниот сируп
или
сакаш недвосмислено да кажам:
за мед, мелиса!
Потоа слези долу, подолу
зад овој свет, зуејќи задумно, чудовишно
зззззззззззззззззззззззззззззззззззззззззз
1.
Силвија Плат, стихови од песните „Доаѓање
на пчелината кутија“ и „Состанок на
пчелата“, објавени во збирката Ariel 1963,
Zagreb, Prosvjeta 1986.
