Долговечност
Повод да погледнеш
во немислимото минато
- непрочитаната лектира.
Милиони години
- пасаж што некој го препешачил
астрално и неосетно
со лежерност на растителен свет
со елеганција на ведар колорит и
неприкриена рамнодушност
спрема ефемерното и камерното.
Книгата ја отвораш по долги години
и - меѓу страниците наоѓаш пресувани лисја
ослободени фосили, грациозни ладоперки
во сончеви гами.
Исклучително топли, благи, трепетливи.
Suavitas.
И се восхитуваш на нивната помиреност со
фактот
дека се убави и долговечни.
Добиваш желба да потчинуваш, да покоруваш
- типично човечки порив -
и нема оправдување, колку и да објаснуваш.
И нема грев.
Само нијанси, варијации, сите деградирани
катастрофични, хармонични
само поленов прав, оплодувачка овулација.
Нечујна музика на бесмртноста
отсвирена на непостоечки инструменти.
Не, на мистериозни,
нечовечки, неименливи
неисказливи...
Мајмуните мутираат, еволуираат луѓето
клонираат овците, овошките се калемат
гинго билоба останува ист
отсекогаш она што е
при сè што му го менуваат името
транскрипцијата, стилот:
yin-kuo, gimekio, gjingjir, gjumbur, mamelle,
tchtchi, bonsai, beobab, феникс, жив
фосил...
На дрвото кое не може да се опфати ни со
поглед
ни со фотографија, му треба отворен простор
за да се вивне симфониски, како кит, во
височините
надвор од собите и куќите!
Зарем не те интересира
кој го склопува мозаикот
и кој игра на картата на недореченоста?

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.
|
 |