Тумулус
Темнината врзана во јазол
во празно, ко со декрет, а
светлината истисната надвор
во егзодус во овој свет
на влезот на тумулусот - реа на залудна
желба
да влезе во матката, пренаталната таверна
во катакомбата, бункерот, светилиштето
да ја погали подземната калиграфија
на смртното, новороденчето
можеби иницијација во тајните учења
можеби исихистичка страст за отцепување
од обичниот свет, вроден порив да се молчи
можеби безмолвие по казна, жртвеник
камен над глава, камен врз камен
- ѕид ѕидосан
а којзнае што всушност -
остатоците сами по себе не се докази
остатоците се остатоци
заводливи но сомнителни фрагменти
а Бретања е начичкана со диви одломки
мегалити, долмени, stonehanges
камени градови
налик на македонското Куклино
пелцувана со предисторија
со палеолитски спазми
друидски плазми
метаплазми
и ооооп!,
во нив невестински прстени
гердани, прециозни перли,
lapis lazuli
талисмани и коски
(оние кои траат со милениуми)
накитот е женски
амбиентот матријархален
па сепак
има пагански божества
пикирани двојства
неразграничени полови
девојчињата со
машки
момчињата со женски
симболи
несомнено реализмот им бил туѓ
на древните сликари, ни малку наивни
а ние се прашуваме инфантилно
што е тоа и зошто е така
како што е!

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.
|
 |