Цвеќиња на солта
1. Насетување на бескрајот
Кога ќе надојде плимата ко висок крвен
притисок
ќе го намамат да продре во копното
ко во жедно грло, похотлив утерус
да се исцица, да
испари, да потоне
ќе дотурат маја
да престаса, да
прекисне, да претече
ќе го сведат на стогови солени зрнца
она кое било несводлив нескротлив
промискуитетен бескрај
маслото од
макеницата истапкана од брановите
кревките ластери на
лилјаните
белузлавите маркери
растворените
минерали, миризливата пареа
флуидната пена,
млечните заби
лижавчињата,
ларвите, планктоните...
Ним им треба само тоа:
дестилиран вишок, кристализиран екстракт
- тие ситни крцкави суеверни суетни
каприциозни
лунарни пиктограми дојдени од никаде
протнати низ најтесната порта
низ човечката рака
- како надеж.
Солта се втиснала во гените
во парењето и спермата
во плазмата и солзата
во обредот и магијата
не само за да храни
ни за да конзервира
туку за да подјадува
и самата овоплотено време
да впива сè што ќе допре
сè што ќе шмркне
малку по малку, до крај!
2. Широка душа
Нека биде тивко кога ќе наидат снегулките
рафинирани небаре жени по меандрите
низ аглите, низ алгите.
Нека бидат делливи, да не би да се вратат
назад и да станат повторно она што биле:
едно, цело, совршено солило
андрогино море-копно...
Солта мигрира
секогаш во егзил, секогаш дома
полигамна, двополна, тој сол, таа сол...
Фигуративна солца, речита без реч!
Неповторлива alogia!
Кодирана схизма!
Водата, пак, лојална, се враќа
дома, назад:
океанот има широка
душа
првин ќе и’ прости,
потем ќе и’ го
покаже патот
- кон амбисот!

© Катица Ќулавкова и Блесок, 2001.
Сите права се задржани.
|
 |